Скопје

(Видео) Протест во скопското село Раштак: Редовно плаќаат сметки, а дома струја немаат

Во изминатите четири години Младен Јовановски од Раштак редовно ја плаќа сметката за струја ама вели дека неговиот дом е често во мрак. Обвинува дека поради нередовни плаќачи, компанија ЕВН го остава без напојување и до 30-тина часови.

Револтирани од односот на електродистрибутивната компанија, жителите на Раштак денеска се собраа на протест. Не веруваат дека поради невреме се без електрично напојување.

На долгите прекини се жалат и во соседното село Љуботен. Жителите откриваат дека овде има нередовни плаќачи ама сметаат дека е недозволиво заради поединци целото село да е исклучено од електро системот.

Од ЕВН велат дека Раштак, Љуботен и Љубанци останале без напојување поради неодамнешното невреме но екипите на терен откриле дека покрај дефектот, дополнителен проблем во мрежата предизвикале дивите приклучоци.

„ЕВН Електродистрибуција веднаш излегоа на терен за санација на дефектот меѓутоа наидоа на потешкотии поради детектирање на тешки манипулации направени последниот месец во мрежата, поконкретно нелегално и самоволно префрлување на кабли од среден и низок напон од страна на одредени корисници“, велат од компанијата.

И локалните власти се обиделе да помогнат во решавањето на проблемот.

Од ЕВН велат дека веќе се превземени мерки кон корисниците кои биле диво приклучени во мрежата.. Жителите на Раштак и Љуботен пак најавиа протести пред компанијата ако повторно останат 10-тина часови без струја.