Откако скопскиот градоначалник ги демантираше обвинувањата од страна на ВМРО-ДПМНЕ дека самиот на себе си плаќал адвокатски услуги, велејќи дека ниту еден денар од градската каса не е влезен во неговото адвокатско друштво, Наум Стоилковски одново одржа прес-конференција.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека тоа што градоначалникот Шилегов денеска не го кажа е дека е констатиран судир на интереси од ДКСК. Тој праша зошто е констатиран судир на интереси и што всушност е основа за корупција, односно криминал, ако е така како што вели Шилегов односно дека е се чисто?
-Народната вели кој краде тој и лаже, а народните поговорки никогаш не се далеку од вистината, рече Стоилковски уште еднаш потенцирајќи дека градоначалникот на Скопје има склучено договор за консултации со адвокатското друштво на адвокатот Петре Шилегов, за сума од 50.000 денари месечно.
Стоилковски му порача на Шилегов подобро да размисли за уште една прес конференција за утре, бидејќи како што најави тој утре ќе презентира документи за овој, како што рече, констатиран судир на интереси од страна на Антикорупциската комисија.