Скопје 11. февруари 2020. / 15:06

Старата амбуланта во Дексион ќе чека нов ДУП: Да не реновираме нешто што можеби ќе се урне, вели Филипче

Старата амбуланта во Дексион ќе чека нов ДУП: Да не реновираме нешто што можеби ќе се урне, вели Филипче

Граѓаните на општина Ѓорче Петров се уште се лекуваат во старата и руинирана амбуланта, која е речиси пред распаѓање. Но, за решавање на овој децениски проблем жителите на овој дел од градот ќе треба да ја почекаат измената на деталниот урбанистички план, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

За таа цел, рече министерот, направена е постапка за јавно приватно партнерство заедно со општината Ѓорче Петров и Министерството за труд и социјална политика, за изградба на нов објект во кој ќе има целосно нова амбуланта.

Но сепак, посочи министерот, уште еднаш ќе се разговара со претставници на соодветната служба во општината дали треба сега тоа да се направи или сепак доволно е краток периодот да може да се почека да не се реновира нешто што за кратко време ќе се урне.

– Тоа што можеме да препорачаме во оваа ситуација во која навистина интензивно се посветивме на решавање на овој проблем и на други проблеми во други амбуланти кои се во лоша состојба надвор од Скопје е ако дојде набрзо периодот кога таа амбуланта ќе се урне и таму ќе почне изградба на нова, да направиме распределба на матичните лекари и сите служби во зградите кои треба да се реновираат дали тука или во Заводот за геријатрија за што веќе првично се разговара, вели Филипче.

Тој рече дека верува оти граѓаните ќе ја разберат ваквата ситуација и додаде дека министерството ги презема сите чекоти што може да ги направи за да ја зајакнат инфраструктурата.

Амбулантата е стара 55 година, а последниве 40 години, воопшто не е реновирана. Граѓаните со нетрпение го чекаат новиот здравствен дом, каде што ќе можат да ги добијат потребните здравствени услуги. Неколкуте ординации кои работат во оваа амбуланта опслужуваат над 10.000 пациенти од населбата Ѓорче Петров.

Градоначалникот Александар Наумоски, заедно со министерот Филипче уште во август 2018 преку потпишување на меморандум за соработка најавија дека до средината на 2019 година дека со нов објект ќе ја заменат старата амбуланта во Дексион.