Скопје 29. јули 2020. / 14:27

Шилегов најави можен референдум за Универзална сала

Шилегов најави можен референдум за Универзална сала

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов на денешната средба со новинарите изјави дека лично се залага да се реставрира стариот објект на Универзалната сала, но дополнително да се изгради нова, поголема на друга локација во градот.

Шилегов најави можен референдум за Универзалната сала, откако конкурсот што го распиша градската администрација за поставување отворена летна сцена на оваа локација ја отвори можноста за уривање на еден од најпрепознатливите објекти за културниот и забавен живот во главниот град, кој е под клуч во последните пет години.

По бурата од реакции околу можното уривање на Универзална сала, Шилегов рече дека една од опциите е да има референдум во главниот град, кој можеби нема да биде потребен ако граѓаните претходно се согласат сегашниот дотраен објект да се реставрира, а на друга локација да се изгради и нова сала.

Тој лично, како што рече, се залага за таа опција – стариот објект да биде реставриран, а на друго место да се изгради и нова поголема сала. Во таа насока следните чекори би биле распишување конкурс за реставрација на Универзална сала, како и конкурс за одредување локација за уште еден, нов објект од таков вид.