Скопје 03. септември 2020. / 13:53

Шилегов и по четири месеци не знае што точно платил сопственикот на „Фонтана“?!

Шилегов и по четири месеци не знае што точно платил сопственикот на „Фонтана“?!

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов и по четири месеци од почетокот на случувањата со дивоградбата „Фонтана“ кај ТЦ „Мавровска“ се уште не знае што точно платил сопственикот Мевљудин Алити. Ова може да се заклучи од неговите изјави дадени пред новинарите последниве два дена.

Шилегов и вчера и денеска тврди дека Алити не платил комуналии, со што, практично, објектот би се легализирал.

-Ако платил комуналии, тогаш објектот е легален, ама нема платено. Не знам дали платил надоместок за приватизација на земјиштето, што е главниот проблем, бидејќи ако е така, продажбата се одвивала во организација на централната власт, а во тој случај 80 проценти од средствата од продажбата одат кај централната власт. Мене ми е криво што дојде до изградба на ваков објект, но ова нека биде пример за сите кои сакаат да профитираат на сметка на легалните инвеститори, кои плаќаат данок кон државата, изјави вчера тој.

Денеска, пак, тврдеше дека не се работело за платени комуналии, туку за надомест за легализација.

-Таму е легализиран објект кој беше долу во сутеренските простории. Само тоа било предмет на легализација. Не може да ги поистоветувате легализацијата што била извршена од страна на Општина Чаир во сутерен со овој објект или оваа грдосија која таму никнеше. Да не тврдиме дека тоа што било предмет на легализација за што сопственикот платил надоместок и за што Општина Чаир утврдила дека постојат услови дека е ова што е предмет на рушење. Ова е подигрување со здравиот памет на секој од нас пред се како граѓани, а потоа како луѓе што ги водиме институциите, изјави Шилегов.

Но, денеска, за разлика од вчера, Шилегов не спомена дали сопственикот Алити платил надоместок за приватизација на земјиштето, тоа што за него би било главен проблем. Во тој случај, спореде Шилегов, продажбата се одвивала во организација на централната власт. Со други зборови, ако сопственикот Алити меѓу прикажаните уплатници има и таква со која се потврдува дека платил надоместок за приватизација на земјиштето, тоа би значело дека одговорност за дивоградбата кај ТЦ Мавровка ќе треба да се бара кај екс-министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и неговите потчинети.