Скопје 03. март 2020. / 13:31

Шилегов: Ги поврзуваме Аеродром и Керамидница со нов мост

Шилегов: Ги поврзуваме Аеродром и Керамидница со нов мост

Остваруваме уште едно мое ветување, уште еден капитален проект што ќе го обележи мојот прв мандат како градоначалник на Скопје, порача градоначалникот Петре Шилегов, кој придружуван од градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар, денеска изврши увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на нов мост на реката Вардар.

На кејот на Вардар, Шилегов ги посочи деталите за новиот мост што ќе ги поврзува овие три скопски општини и ќе го олесни одвивањето на сообраќајот во градот.

– Општините Аеродром, Гази Баба и Центар за помалку од две години ќе бидат поврзани со нов мост и модерно булеварско решение што ќе го релаксира сообраќајот во овој дел од Скопје. Денеска вршиме увид во градежните работи, досега работевме на проширувањето на булеварот АСНОМ, а од утре продолжуваме со изградба на нов мост на Вардар кој ќе ги поврзува улицата Васко Карангелевски во Аеродром со улицата Индустриска во населбата Ќерамидница, во Гази Баба. Вкупната должина на трасата изнесува 400 метри. Самиот мост ќе биде долг 150 метри, со 6 коловозни ленти, како и велосипедски и пешачки патеки од двете страни. Вредноста на договорот за изведба на оваа фаза изнесува 365,6 милиони денари со вклучен ДДВ, а се предвидува да се заврши во рок од 550 дена, рече денеска градоначалникот Шилегов.

Тој најави дека по овој мост ќе сообраќаат и нови автобуски линии кои дополнително ќе го намалат сообраќајниот метеж.

Покрај градоначалникот Шилегов, увид во градежните работи за проширување на булеварот АСНОМ и за изградба на новиот мост на Вардар денеска извршија и градоначалниците на општините Аеродром, Гази Баба и Центар – Златко Марин, Борче Георгиевски и Саша Богдановиќ.

Изградбата на овој мост во планската документација на Скопје постои уште од 1965 година, но за жал, неговата изградба била одложувана за некои подобри времиња.