Скопје 18. ноември 2020. / 17:52

Само пет еко-инспектори ги контролираат загадувачите во Скопје

Само пет еко-инспектори ги контролираат загадувачите во Скопје

В.д. директорката на Инспекторатот за животна средина, Ана Петровска денеска се пожали дека се соочуваат со исклучително тешки услови за работа на терен поради малиот број инспектори со кои располагаат, а бројот на инспекции е се поголем.

Таа денеска рече дека имаат само пет инспектори на ниво на Град Скопје, а за наредната година се планираат уште осум нови луѓе, иако поради обемот на работа и тие најверојатно нема да бидат доволни.

На денешната прес-конференција, Петровска опишувајќи ја работата на инспекторите на терен рече дека иако имаат и попладневни дежурства и во текот на неделата, не можат се да постигнат.

-Многу е тешко на терен, имаме и попладневни дежурства и недели но ние не можеме да се мултиплицираме. Единствен лек е посинхонизирано и поефикасно да се координираме со градските инспектори за да формираме мрежа на инспекциски органи. И тоа е нешто што деновиве се случува. Но приоритет ни е да сме на терен, пет инспектори треба секаде да стасаат, рече Петровска.

Според неа, овој број треба барем двојно да се зголеми, бидејќи во североисточниот регион, кој што го покрива има рудници со големи капацитети, а исто така и во Пробиштип и Кочани, а секако треба и да се зајакне Скопје.

-Нема инспектори за природа, има само еден, еден за овластување. Охридскиот регион треба да се покрие, националните паркови, заедно со шумска полиција да работиме и со Испекторатот за шумарство и ловство. Огромна е полето за работа. Имаме само двајца водостопански инспектори, а не знаете колку дозволи за водно право има, за регулација на речни корита, голем предизвик е со овие луѓе со кои работиме да бидеме достапни и за викенд и ноќе, додаде Петровска.