Скопје

Општина Аеродром на вонредна седница ќе расправа за градбата кај Мајчин дом

Општина Аеродром на вонредна седница ќе расправа за градбата кај Мајчин дом

Советот на Општина Аеродром попладне на вонредна седница ќе расправа за спорниот Детален урбанистички план и за изнаоѓање на трајно решение за стопирање на изградбата на зграда кај Мајчин дом.

– На вонредната седница ќе се дискутира за спорниот ДУП И10 донесен од претходното општинско раководство предводено од ВМРО-ДПМНЕ и за трајно решение за спречување на градбата пред Мајчин дом, се наведува во соопштението од општина Аеродром.

На седницата може да присуствуваат граѓани и граѓански организации кои треба да се регистрираат на линкот https://s.surveyplanet.com/xZzk6w0_j3.

Изградбата на висококатницата времено е стопирана за 15 дена поради, како што изјави во средата градоначалникот Златко Марин, неправилности во градилиштето.

– Градбата е стопирана, влегуваме во барање решение низ дискусија. Ги преземав сите можни мерки и напори, со сите засегнати страни да најдеме начин трајно да го заштитиме плацот пред Мајчин дом. Преземам иницијатива за решавање на проблемот, во разговори со граѓаните, со инвеститорот и со град Скопје, рече Марин на прес-конференција во средата.

Против изградбата на зградата во вторникот протестираа жители на општината.