Скопје

МТСП изврши надзор во градинката во Лисиче каде негувателката ги затворала децата во шкафче, да ги јадат бубачките

МТСП изврши надзор во градинката во Лисиче каде негувателката ги затворала децата во шкафче, да ги јадат бубачките

Министерството за труд и социјална политика го заврши вонредниот инспекциски надзор во градинката „Буба Мара“ во Ново Лисиче, направен вчера, по писмен допис на родител. При надзорот, освен што се земени писмени изјави од директорот, психологот и педагогот, МТСП го задолжи раководството на градинката во најкраток можен рок да го расветли случајот.

Министерството за труд и социјална политика во денешното соопштение наведува дека посветено работи на подобрување на условите во детската заштита и доколку се потврди веродостојноста на случката, сите одговорни ќе бидат веднаш санкционирани.

– МТСП нема да толерира какво било несоодветно однесување со децата во градинките, затоа што секое дете ни е важно. Во интерес на правилно известување, МТСП ги упатува медиумите да бидат во комуникација со раководството на градинката „Буба Мара“, кое веќе работи на преиспитување на целиот случај. Исто така раководството е во постојана комуникација со родителите на децата со кои за попладнeво е закажана родителска средба, соопшти Министерството за труд и социјална политика.

Вонредниот надзор во градинката „Буба Мара“ беше спроведен откако во Министерството за труд и социјална политика (МТСП) родител на дете кое ја посетува градинката испратил писмо во кое тврди дека негувателките несоодветно и дрско се однесувале со децата.

„Тоа што се случува во градинката е навистина страшно. Пред извесно време, мојата ќерка била удрена со боичка по главата. Останатите кои биле темпераментни, биле затворани во шкафче, да ги јадат бубачките“, напиша мајката во писмото.