Скопје 14. мај 2020. / 14:51

Град Скопје со реакција за пресот на ВМРО-ДПМНЕ: Не тревата, сè чини 530 илјади евра

Град Скопје со реакција за пресот на ВМРО-ДПМНЕ: Не тревата, сè чини 530 илјади евра

Град Скопје преку соопштение реагира на денешната изјава на советничката во градот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ирена Попова, која на прес-конференција рече дека се наоѓа пред најскапиот тревник во градот кој заедно со содржините на него скопјани ги чини неверојатни 33 милиони денари или 530 илјади евра.

Од Градот демантираат дека не тревата, туку поплочувањето и уредувањето на јавниот простор на излезот од ГТЦ до Плоштад Македонија, заедно со клупи, канти за отпадоци, целосно ново осветлување како и дрворед составен од 25 дрвја е тоа што чини 33 милиони денари со вклучен ДДВ.

-Со големо жалење мораме да констатираме дека ВМРО ДПМНЕ и нивната советничка група во Град Скопје не знаат да разликуваат основни работи (тревник од плочник), па од тие причини излегуваат на прес-конференции со небулозни тврдења, се вели во соопштението.

Додаваат и дека граѓаните го одобруваат вака уредениот простор, но и уживаат во него, при тоа правејќи споредба што значи квалитет на јавен простор сега, а што и какво, како што велат, беше лудилото со јавниот простор во минатото.

– Времето кога граѓаните за 3 врби во Реката Вардар плаќаа 220 илјади евра е одамна поминато. Тоа на сите им е јасно. Јасно му е и на ВМРО ДПМНЕ, па токму заради таа своја немоќ се служат со лаги и невистинити небулози, велат од Град Скопје.