Советот на Град Скопје на денешната редовна седница едногласно донесе одлука за доделување на финансиска помош во вредност од три милиони денари (околу 50 илјади евра) за настраданите од земјотресот во Албанија.
– Во рамките на нашите технички можности уште во текот на вчерашниот ден Град Скопје упати две екипи кои се во Драч. Едната екипа е составена од 4 пожарникари, додека втората екипа е составена од технички лица кои управуваат со термалните дронови и со термалните камери. Оваа одлука е во износ кој традиционално го доделува Град Скопје во вакви случаи, а тоа е 3 милиони денари – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на седницата.
Шилегов посочи дека пожарникарите и екипите со термални дронови се уште се во Драч, каде што помагаат во пронаоѓањето на цивили и расчистувањето на штетите од земјотресот.