Водно полека станува вело дестинација. Денеска официјално ја пуштивме во употреба првата „uphill“ велосипедска патека на Водно во должина 3.452 метри, направена по сите светски стандарди и наменета исклучиво за велосипеди, изјави градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов.
Новата пионерска велосипедска патека се протега од полициската станица до Средно Водно и е наречена пионерска, затоа што е прва од трите кои се планирани во рамки на проектот „Вело Водно“.
Ме радува што успеваме велосипедизмот, односно алтернативниот начин на движење да го развиваме се повеќе и повеќе во нашиот град. Ги повикувам скопјани да ја извозат стазата. Не е претешка, а е дефинитивно здраво, изјави Шилегов.
Претходно повеќе велосипедисти учествуваа на натпревар по новата патека во организација на „Прв до врв“, од полициска станица Водно.
Проектот за уредување на оваа планинска вело-патека на Водно е реализиран во соработка и е кофинансиран од Советот за регионална соработка (Regional Cooperation Council), а е дел од проектот „Велосипедски парк Водно“.