Дрвата кои беа исечени во скопската општина Аеродром, на парцела кај “Тобако 2”, за што граѓаните реагираат веќе подолго време, се исечени со одобрение од Град Скопје, велат од кабинетот на градоначалникот Шилегов за Лидер.
-Инвеститорот на објектот до Град Скопје поднел барање за одобрение за сечење на дрвата во функција на подготовка на опарцелата за градба. Со барањето има поднесено правосилно решение за градба, таканаречена градежна дозвола за предметната локација и Град скопје е обврзан да му издаде одобрение за сечење на садниците. инвеститорот се обврзал по завршувањето на градбата да засади нови садници. – вели портпаролот на град Скопје, Ваљон Салиху во изјава за Лидер.
Инаку, изведбата на зградата ја прави фирмата Специјал Градба. Нејзиниот сопственик е Кочо Стојчески, бизнисмен и раководител на сектор за локален економски развој во општина Центар. Во време на градоначалникот Андреј Жерновски Стојчески беше унапреден од хаусмајстор во инспектор во Центар. Тој беше потпишан и зад инспекцискиот надзор на белата палата на ВМРО-ДПМНЕ. Во изјава за нашата редакција вели дека нема конфликт меѓу неговите бизниси и државната работа.
Вчера градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, изјави дека е приватна парцелата каде вчера се сечеа дрва за да се гради станбено деловен комплекс. Во изјава за „1ТВ“ Марин тврди дека бидејќи е парцелата приватна, Општината нема надлежност.
Според видео објавено на социјалните мрежи вчера попладне беше уништена зелена површина кај „Тобако 2“ во Аеродром. Тешка механизација ги сечеше и откорнуваше дрвјата за да го подготви просторот за градежни активности. Под дрвјата до сега имаше парк со детски реквизити.
Според информативната табла на локацијата, инвеститор на објектот кој треба да почне да се гради е „Порта Инжинеринг Груп“. Изведувач на работите е фирмата „Специјал градба“. Одобрението за градење е издадено на 4-ти април оваа година.