Ноќеска багери започнале со копање на парцелата кај Мајчин дом, во Аеродром, каде се планира да се гради голем станбено-деловен простор.
И покрај реакциите на жителите на Аеродром кој за денеска во 17часот најавија протест, сепак багерите доцна во ноќта започнаа да копаат.
Од иницијативата „Сакаме Аеродром да дише” објавија фотографии и видео на кои може да се забележат багерите.
Изминатите денови градежни работници со лимени тараби ја оградуваа парцелата за изградба на деветкатница кај „Мајчин дом“. За овој објект жителите на Аеродром алармираа дека ќе направи еколошка катастрофа бидејќи се гради на зелена површина, а за да се изгради, пак, паркинг за зградата, урбанистичкиот план предвидува сеча на дрворед и ново уништување на зеленилото.
Стопирањето токму на овој објект и поништување на планот со кој е предвиден беше главен адут во изборната кампања на сегашниот градоначалник на Аеродром, Златко Марин. Тој како опозиционер што се бори за градоначалничка функција, на претходниот градоначалник му предлагаше решенија, како обесштетување на сопствениците на земјиштето со пари или компензација со земјиште на друга локација за да го заштити просторот од дополнително градење и да ги послуша граѓаните. Кога стана градоначалник, не само што самиот не ги премиени советите што му ги даваше на претходникот туку го смени и мислењето и во неколку наврати се оправдуваше дека не може ништо да преземе за да ја спречи градбата.