Со штрајк, затворени продавници и протести, жителите на Лезбос ќе го пречекаат Алексис Ципрас, кој под силни безбедносни мерки попладнево ќе пристигне на островот за да се обрати на конференција за продуктивна реконструкција на островите во северниот дел од Егејското Море.
Зголемување на ДДВ-то и ситуацијата со мигрантите и бегалците, се главните причини жителите на островот, да организираат демонстрации за време на посетата на Алексис Ципрас, јави дописничката на МИА од Атина.
Од вчера, на Лезбос се одржува Регионална конференција за островите од северниот дел на Егејското Море, а грчкиот премиер во 19.30 часот ќе има обраќање. Половина час порано, закажан е и протестот на централниот плоштад во Митилини, главниот град на островот.
Според локалните медиуми, Лезбос е веќе под силни безбедносни мерки, полицајци од Солун, Атина и околните острови, претставници на грчката разузнавачка служба и на антитерористичката служба веќе се наоѓаат на островот а некои, драконските мерки, ги споредуваат и со оние при посетата на островот на Папата Франциско.
Весникот „Катимерини“, пишува дека делот околу објектот каде што Ципрас ќе го одржи говорот ќе биде затворен 3 часа претходно.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, поради силното полициско обезбедување уште вчера, реагираа од грчката опозициска партија, на што добија одговор од кабинетот на Ципрас.
– На Лезбос навистина постојат полициски сили бидејќи, како што добро знае Нова демократија, која испрати делегација со пратеници, затегната е атмосферата на островот, поради мал број на радикално десничарски елементи, коментираат од кабинетот на грчкиот премиер.
Со нови обвинувања утрово излезе портпаролката на Нова демократија, Мариа Спираки, велејќи дека на Лезбос, Ципрас, ќе го придружуваат 17 единици од специјалните полициски единици задолжени за задржување на редот (оние кои што се надлежни за протести и демонстрации).
– Единиците ќе го заштитуваат од ентузијазмот на жителите за неговите достигнувања во развојот и бегалскиот проблем, коментира Спираки.
Сепак, според грчките медиуми, на Лезбос нема да има 17, туку 7 единици од специјалните полициски единици, односно вкупно 175 специјалци.
Жителите на Лезбос ќе протестираат поради укинување на намаленото ДДВ од 17 отсто, кое од 30 јуни ќе биде исто како и низ цела Грција, односно 24 отсто, но и поради проблемите со бегалците и мигрантите.
Според официјалните податоци од грчката влада, испратени вчера до новинарите, на островот има 8849 бегалци и мигранти, од кои 6795 се во прифатниот центар Морија што е со капацитет од 3000 места.
Доколку се анализираат податоците што секојдневно се испраќаат до медиумите, во изминатите 10 дена, односно од 22 април до 1 мај, на Лезбос пристигнале 728, бегалци и мигранти.