Регион 10. ноември 2020. / 11:08

Захариева: Доцни и „Коридор 8“, не е проблем само историјата

Захариева: Доцни и „Коридор 8“, не е проблем само историјата

Шефицата на бугарската дипломатија најави дека ќе им предложи на двајцата премиери да биде свикана Меѓувладината комисија за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство, која не се состанала речиси година и пол, иако во меѓувреме, како што посочи, се насобрале многу прашања.

– Имаме забелешки не само за историјата, туку и за напредокот на инфраструктурните проекти, како што е Коридорот 8. Секој што патува ја гледа состојбата со поврзаноста меѓу двете земји. Повеќе од година и пол чекаме на програмата за соработка од областа на културата и образованието, која ја испративме, но сè уште немаме одговор од нив. Само во областа на туризмот е постигнат напредок, но тоа беше пред пандемијата на коронавирусот. Но, овој напредок воопшто не е доволен, изјави Захариева пред днешниот Самит за Западен Балкан на Берлинскиот процес во Софија со кој ќе копретседаваат премиерите Борисов и Заев.

Шефицата на бугарската дипломатија кажа и дека Скопје не треба да се потпира на тоа дека некој ќе ја притисне Софија да замижи на неспроведувањето на Договорот за пријателство и добрососедство.

– Бугарија е исклучително категорична. Ние сакаме да видиме во преговарачката рамка дека Договорот ќе се спроведе, дека РС Макеоднија нема никакви претензии за малцинства. Има над 15.000 антибугарски публикации. Не можеме да ги воспитуваме поколенијата на омраза. Не можеме да бидеме сојузници во НАТО, а бугарските војници да се нарекуваат фашистички окупатори. Треба да се ​​вратиме на тонот на добрососедството и спроведувањето на Договорот, рече Захариева.