Договорот за добрососедство со Македонија веќе ги дава своите позитивни резултати, но треба да се изоди подолг пат за да нема потреба од договори за зацрвстување на добрососедските односи, изјави шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во однос на пратеничко прашање за Македонија во бугарскиот парламент.
Захариева го истакна моментот дека по потпишувањето на договорот се зголемил растот на трговската размена меѓу двете земји. Таа подвлече дека Бугарија уште пред 26 години ја прифатила употребата на името на географскиот регион Македонија како дел од името на Република Македонија. Тоа според Захариева останало непроменето и покрај одредени потези на влада на Груевски по 2009 г.
Во однос на договорот, Захариева додава дека за Бугарија било важно да се наведе дека се забранува мешање во внатрешните работи и прекин на секаков вид претензии, кои не треба да се разгледуваат како претензии за територии, туку повеќе како претензии за историја, историја на идентитет, јазик итн.
-Ние немаме комплекс од нашата историја, ние сме горди со истата. Бугарскиот интерес е таа да се презентира така како што се случила. Ако сакаме да гледаме напред треба да го признаеме заедничкото минато, покажувајќи им ја на младите луѓе вистината, за да не се создаваат услови за ширење на омраза, како во последните 75 години, истакнува Захариева. Таа додава уште дека бугарскиот национален интерес е Македонија да стане дел од НАТО и ЕУ тогаш кога е подготвена за тоа.