Регион 24. јануари 2019. / 09:47

Вуцис за протестите: „Македонија е една и грчка“ е иредентистички слоган

Вуцис за протестите: „Македонија е една и грчка“ е иредентистички слоган

Претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис смета дека слоганот „Македонија е една и грчка“ што се слушаше на протестите во Грција е „доста иредентистички слоган“, пренесува МИА од Атина.

Говорејќи на расправата за ратификација на Договорот од Преспа, Вуцис рече дека опозициските партии како Нова демократија, но и ПАСОК се служеле со трик во изминатите месеци и не се обиделе да го разграничат ставот за сложено име со географска одредница ерга омнес, од ставот изразен на протестите „никогаш и никаде да не се користи терминот Македонија, бидејќи Македонија е една и грчка”.

Претседателот на грчкиот Парламент рече дека Договорот од Преспа е историски и од голема важност.

-Тоа е историски договор за Балканот, за Европската унија кој нишајќи се ја бара својата улога и односот со Балканот, за улогата на Балканот во целост во блиска иднина и перспективата во рамките на Европска унија која треба да го најде својот чекор во насоката што сакаме. Тоа е историски договор за стабилноста во регионот, за илјада други причини, не само за нашите национални интереси. Во оваа смисла е историски договор што има многу голема важност. – рече Вуцис.

На расправата за ратификација на Договорот од Преспа, пријавени за збор се 205 од 300 пратеници колку што брои грчкиот Парламент, како и координаторите на партиите, министрите во владата и лидерите на политичките партии, а претседателот на грчкиот парламент, Никос Вуцис, вчера рече дека дискусијата наместо предвидените 28, може да трае и над 32 часа, доколку не се случи нешто непредвидено, но дека нема промена на одлуката гласањето да биде вечер.

Вчерашниот ден од пленарната седница во грчкиот Парламентот започна со високи тонови. Од Нова демократија, Демократска алијанса, Златна зора и Независни Грци излегоа со барања и обвинувања до грчката влада, а жестоката дискусија околу процедурални прашања, заврши со отфрлање на приговорите од Нова демократија, Златна зора и Независни Грци, по што започна суштинскиот дел од расправата за ратификација на Договорот од Преспа.

Опозиционерите тврдеа дека договорот е штетен, оние од владејачката СИРИЗА дека решението на меѓу двете земји е историски и национално корисен договор.