Разговорите на Заев со комичарите покажуваат дека тој ништо не знае и нема разговарано со некој кој знае нешто за преговорите помеѓу Србија и Косово, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ во интервју за Пинк Телевизија.
-Кога некој нам би ни го понудил тоа што тој го зборува, јас со двете раце би го прифатил. Далеку сме од тоа, ние Србите многу сонуваме да добиеме и да имаме отколку што навистина имаме. И тоа ми покажува дека тој не разговарал со некој кој сериозно нешто знае за преговорите и разговорите, вели Вучиќ.
Заев во разговорите со лажниот Порошенко зборува како Србија и Косово почнале да разговараат за размена на граници, односно дека се преговара 10 општини на Северот од Косово да ѝ се дадат на Србија и неколку општини во Јужниот дел на Србија да му бидат дадени на Косово. Сакајќи да покаже дека има голема улога во регионот, Заев му кажува на „Порошенко“ дека тој и Меркел разговарале за тоа прашање и притоа двајцата се согласиле дека се против.