Српскиот претседател Александар Вучиќ испратил писмо со сочувство до претседателот и премиерот на Албанија, Илир Мета и Еди Рама, по повод силниот земјотрес што ја погоди земјата и понуди помош во санирање на последиците.
– Со тага ги гледаме сликите од урнатините во Драч и другите места во Албанија. Дозволете ми Вам и на семејствата на загинатите да упатам искрено сочувство, како и да изразам сочувство со оние кои ги бараат своите најблиски – напишал Вучиќ во писмото.
Српскиот претседател навел дека е тешко да се предвидат такви катастрофи и да се запре немилосрдната сила на природата.
– Ако Србија може да помогне на кој било начин, ние сме подготвени, во рамките на нашите можности, да пружиме секаков вид помош во отстранување на последиците од катастрофалниот земјотрес – се вели во писмото на Вучиќ.
Најмалку шест лица загинаа, а повеќе од 300 луѓе се повредени во земјотресот со јачина од 6,4 степени според Рихтер што рано утрово ја погоди Албанија.