Регион 19. декември 2019. / 12:05

Во 2019 имало 4.500 прекршувања на грчкиот воздушен простор од турски воени авиони

Во 2019 имало 4.500 прекршувања на грчкиот воздушен простор од турски воени авиони

Министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос во говорот за време на расправата во грчкиот Парламент за буџетот за следната година, соопшти дека во 2019 имало 4.500 прекршувања на воздушниот простор од турски воени авиони, но и 4.500 пресретнувања од грчки авиони.

– Вооружените сили се во добра форма, борбени и подготвени. Јасно е дека се соочуваат со зголемени барања, со повеќе предизвици, но одговараат. Секојдневно станува збор за прекршувања на нашиот воздушен простор од турски воени авиони. Да, но ние сме со нив и до нив. Имаше 4.500 прекршувања од турски воени авиони во 2019, но и 4.500 пресретнувања од нас. И ќе направиме сѐ што е потребно за да сме секогаш со нив – изјави министерот за одбрана на Грција.

Панајотопулос ги повика пратениците да гласаат за трошоците за Министерството за одбрана и на тој начин да испратат соодветна порака, како во внатрешноста така и во надворешноста на земјата, затоа што, како што истакна, „националната одбрана не е партиски, туку национален интерес“.

Буџетот за Министерството за одбрана за 2020 доцна синоќа беше изгласан со широко мнозинство и поддршка од 250 пратеници, а меѓу нив и од опозициските партии СИРИЗА и Грчко решение.