Регион 28. февруари 2020. / 10:15

(ВИДЕО) Стотици мигранти тргнаа од Турција кон Европа, Анкара веќе нема да ги спречува

(ВИДЕО) Стотици мигранти тргнаа од Турција кон Европа, Анкара веќе нема да ги спречува

Стотици мигранти тргнаа низ северозападот од Турција кон границата со Грција и Бугарија, откако официјален претставник изјави дека Анкара повеќе нема да ги спречува сириските бегалци на патот кон Европа, јавуваат турските медиуми.

Официјално лице за Ројтерс изјавил дека турската полиција, крајбрежната стража и граничната полиција добиле наредба да не ги запираат мигрантите и бегалците кои преку копно или море преминуваат во Европа, а во очекување на пристигнување на нови бегалци од Идлиб.

Турската агенција Демирорен наведува дека околу 300 мигранти, вклучително жени и деца, тргнале кон границата помеѓу две европски земји Грција и Бугарија и Турција.

Меѓу нив се, како што се наведува, Сиријци, Иранци, Ирачани, Пакистанци.

Исто така, мигранти се собираат во западниот дел од Турција со цел со брод да пристигнат до грчкиот остров Лезбос, пренесува Ројтерс.

Медиумот наведува дека не можеле независно да ги потврдат наводите, како и дека не успеале да ја потврдат веродостојноста на видео снимките од мигрантите кои ги објави провладина турска телевизија.

Турската телевизија НТВ прикажа снимки од луѓе кои минуваат низ полиња носејќи ранци на грбот и наведе дека бегалците се обидуваат да ја преминат границата Капикуле и да влезат во Бугарија, но тоа не им е дозволено.

Исто така, турската телевизија наведува дека истата група мигранти потоа се обидела да дојде до границата Пазаркуле и да премине во Грција, но не е јасно што потоа се случило.

Ројтерс потсетува дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган претходно во повеќе наврати се закани дека ќе ги отвори границите за мигрантите кои одат кон Европа.

Доколку тоа го направи, го прекршува ветувањето кое го даде на ЕУ, заради што би можело Европската унија да го промени нејзиниот став во однос на ситуацијата во Идлиб, Сирија.