Илјадници демонстранти излегоа на улиците на Атина , Солун , Воден , Јанина и другите градови низ Грција додека трае дебатата во парламентот за ратификување на Договорот од Преспа.
На границата кон Македонија на преминот Евзони , се собраа илјадници демонстранти , кои протестираа против историскиот договор , со кој ќе се норамлизираат односите меѓу соседните земји , пишува онлајн изданието на грчкиот дневен весник Екатимерини. Пред парламентот во Атина вечерва има околу 2 000 демонстранти , пред утрешното гласање за ратификација на договорот.
Во друг дел од Атина протестираа уште 4 500 припадници на Комунистичката партија на Грција. На улиците на Атина биле распоредени 1 500 припадници на полицијата. На протестите во Солун полицијата соопшти дека имало 3 000 демонстранти.
На граничниот премин Евзони кон Македонија се собраа стотици земјоделци и локално население , кои со трактори и други возила го блокираа преминот. Преминот е отворен вечерва, а возилата се преупатуваа кон другите два премини.
Во пограничниот град Поликастро два часа не работеле јавните сервиси и училиштата во знак на протест, додека знамињата биле на половина копје, а црквените ѕвона чукале како за починат, информира градоначалникот Кристос Гунтенудис.
Вчеравечер имало обид и за палење на куќата на еден од пратениците на СИРИЗА од градот Јаница. Никој не бил повреден, а според пожарникарите не била направена голема материјална штета. Пратеничката Теодора Цакри изјави дека нејзиното семејство било дома , кога бил фрлен молотовиот коктел . Таа ја бара одговорноста за нападот кај ултрадесничарските активисти.