Два силни земјотреси утринава се регистрирани во Загреб и северозападна Хрватска. Првиот се случил во 6:24 часот со 5,5 степени според Рихтеровата скала. Веднаш потоа во 7:01 часот се случил и втор со јачина од 5 степени.
Епицентарот на земјотресот е лоциран на седум километри северно од Загреб, на длабочина од десет километри.
-Хрватската престолнина се тресеше десетина секунди, а луѓето панично излегоа на улиците. Вести за предизвикана материјална штета доаѓаат од целиот град и околината, соопшти загрепски „Јутарњи лист”.
Во некои делови на Загреб, кус период беше прекинато снабдувањето со електрична енергија.
Во некои згради, sидовите испукале, некаде се урнал покрив, а во станови паѓале полици и слични предмети, пренесува Индекс.