Турција ќе ги сертифицира туристичките дестинации без корона вирус, објави министерот за култура и туризам.
-Во рамки на иницијативата на турската влада на туристичките комплекси ќе им бидат издавани сертификати за зона без корона вирус. Процесот на сертифицирање е веќе започнат за да можат тие зони да бидат одредени, изјави министерот Мехмед Нури Ерсој за една од турските приватни телевизии.
Тој прецизира дека првично Турција ќе примени меѓународно прифатен систем за сертифицирање. Во комисијата, која ќе ги издава сертификатите, ќе влегуваат и претставници на министерствата за здравствена заштита, за транспорт и за земјоделство. Минатата недела таа веќе го одржала првиот состанок под координација на Министерството за култура и туризам.
Во комисијата исто ќе учествуваат и претставници на невладини организации. Се очекува системот за сертифицирање да биде брзо завршен, веројатно во првата недела на мај.
-Понатаму, до крајот на мај, ќе го организираме доделувањето на таквите сертификати на туристичките комплекси, изјави Ерсој.
Министерот изрази очекување внатрешниот туризам да биде обновен во текот на јуни, по намалувањето на мерките за борба против корона вирусот, што се најавени за средината на мај.