Во рибарскиот брод „Немо“, помеѓу 65 лица се пронајдени десетици миграни, но меѓу нив и универзитетски професори, пратеник, полицајци и новинар.
Во рибарскиот брод „Немо“ што пристигнал во грчкиот град Катаколо во западниот дел на Пелопонез, заедно со мигрантите имало и 30 турски државјани, меѓу кои полицајци, пратеник, новинар и универзитетски професори, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации, половината од патниците во бродот, односно 35 лица биле мигранти од Авганистан и Ирак, а веројатно Италија била крајната дестинација.
Како што пренесува информативниот портал „Илиалајв” од Пелопонез, од турските државјани, 20 рекле дека се полицајци гонети од Ердоган, а десет се Курди, меѓу кои универзитетски професори, еден пратеник и еден новинар.
Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис, во интервју за грчјата телевизија „Скај” утрово рече дека бродот имал легални документи за пловидба, а турските државјани засега не поднеле барање за азил.
– Во овој момент тие не се нелегални мигранти, во земјата пристигнаа легално, со документи. Ако не поднесат барање за азил и сакаат да си заминат, можат да си одат, рече Митаракис, додавајќи дека сѐ уште не постојат официјални информации од надлежната крајбрежна служба.
Во истрагата се мобилизирани и разузнавачките служби на Грција.