Со колегите Ивајло Московски и Валентин Радев ги депониравме нашите оставки, рече бугарскиот регионален министер Николај Нанков, објави БГНЕС.
„Уште пред 5 дена ги поднесовме оставките“, рече Нанков, додавајќи дека денес тие веќе се факт. „Ова се оставки од министрите, тие се политичка одговорност. Одговорноста за нив е личен чин. Ние ги депониравме по наша волја пред 5 дена. Треба да се решат проблемите. Жртвите на патот треба да се намалат“, рече Нанков.
Проблемот со досегашната работа е недостигот од добра координација помеѓу одделенијата, објасни Нанков. „Координацијата помеѓу агенциите не беше на ниво. Ако имаше секојдневна контрола на ограничувањата на патиштата, можеби немаше да дојде до овој инцидент крај Своге“, истакна Нанков.
Министерот за внатрешни работи Валентин Радев, пак, рече дека поднеле оставки „бидејќи така постапуваме во ГЕРБ, носиме политичка одговорност“. Ние сме ставени на функциите за да ја завршиме работата. Очигледно, нашите министерства не беа во можност да нè заштитат од таква трагедија, рече тој.
Веројатно ќе се вратиме во Националното собрание, рече Радев. Кога ќе се најдат нови министри, ние ќе продолжиме со работата. Ќе разговараме со партијата и ќе одлучиме што правиме, додаде тој.
Валентин Радев додаде дека на фонот на оваа трагедија, статистиката покажува пад на бројот на сообраќајните несреќи за истиот период минатата година и прецизира дека во 2017 тие биле 1.000, а во оваа се 600.
Најмалку 15 луѓе загинаа, а 27 се повредени кога туристички автобус на 25 август се преврте на автопат на 20 километри од Софија.