Досега во Србија се вакцинирани 438 000 лица, објави денеска премиерката Ана Брнабиќ и изјави дека Србија е апсолутно прва во регионот и втора во Европа според стапката на вакцинација.
Брнабиќ посочи дека ќе има доволно дози за ревакцинација, бидејќи кога ќе пристигне секој контингент вакцини, едната половина веднаш се одделува „на страна“, така што ќе има доволно дози за повторна вакцинација.
– Србија е втора во Европа, веднаш зад Велика Британија, но Велика Британија, поради огромни проблеми со корона вирусот и голем број на заразени лица, одлучи да ги ревакцинира луѓето по 12, а не по три недели, односно практично даваат само една доза, што кај нас не е случај, рече Брнабиќ за ТВ Пинк.
Таа исто така изјави дека одредена количина од вакцини на Фајзер ќе пристигат утре.
– Во регионот, Србија е апсолутно прва по вакцинирање, зад нас е Словенија, Романија, рече Брнабиќ.
Таа додаде дека во Србија, лидер во процентот на вакцинација е Рашка, потоа Куршумлија, додека Белград е на 21-то место меѓу локалните самоуправи.