Словенечката Влада го финализира текстот на новиот Закон за ублажување на последиците од корона вирусот кој, според најавите, предвидува ангажирање на речиси три милијарди евра.
Владини извори информираат дека ако со првиот Закон, целта била да се зачуваат работните места и финансиски да им се помогне на граѓаните, со новиот ќе треба директно да се поддржи индустријата, односно да се задржи ликвидноста на компаниите.
Коалиционите владини партии во Брдо крај Крањ ги договараа деталите на законот, а по состанокот партии излегоа со изјави дека се задоволни од исходот и дека предлозите на сите партнери биле земени во предвид.
Опозицијата и Синдикатите во Словенија имаа големи забелешки за првиот Закон за помош на граѓаните и работниците, а првичните најави се дека тие не се задоволни ниту од новиот.
Деталите за Законот набрзо ќе бидат објавени, а се знае дека ќе се подготви и трет ваков пакет помош, со кој ќе се стави посебен акцент на државната помош за секторите туризам и угостителство кои трпат огромни финансиски последици до епидемијата на корона вирусот.