Активностите на грчката полиција во пресрет на годишнината од студентскиот бунт и падот на хунтата ја ставија Атина под вистинска полициска опсада. За безбедноста во недела, кога како и секоја година ќе се одржи протестен марш од Политехничкиот факултет (местото од каде што почна бунтот во 1973) до Амбасадата на САД во Атина, се ангажирани над 5.000 полицајци, дронови и хеликоптер.
Под посебно полициско обезбедување ќе бидат владините објекти, министерства, амбасади и слично, а според медиумите во Грција, за безбедноста на американската Амбасада ќе биде поставена блокада од 17 полициски автобуси.
Во недела за прв пат на улиците ќе излезе и новоформираната полициска единица „Драси“, односно полицајци на мотори кои ќе се движат низ центарот на Атина, а во состојба на готовност ќе бидат и цистерните со вода за растерување демонстранти.
Грчката полиција веќе почна да спроведува дел од мерките. Она што е карактеристично е што уште од вчера, отстранети се сите канти за отпадоци во центарот на Атина.
Во фокусот на грчката полиција е атинската населба Ексархија, која важи за собиралиште на анархисти и населба во која секоја година, по завршувањето на традиционалниот марш се случуваат сериозни инциденти меѓу маскирани лица и полицајци. Особен акцент, полицијата ќе стави на спречување на нападите на маскираните лица со предмети и молотови коктели од балконите на зградите, а за да се избегне реприза на ваквите инцидентите од изминатите години, задолжени ќе бидат дроновите на грчката полиција кои ќе ја следат ситуацијата.
Весникот „Та неа“ пишува дека уште рано наутро во недела, полицијата ќе биде во Ексархија, во улога на набљудувач за евентуални сомнителни движења и проверка на ранци во кои би можело да има молотови коктели.