Косовската опозициска партија Движење самоопределување (ВВ) смета дека американскиот претседател Доналд Трамп, со неговата изјава дека постигнал мир меѓу Косово и Србија, кои „со години се убиваат меѓу себе“, ги рехабилитира оние кои извршија воени злосторства во Косово.
Во денешното соопштение на партијата на доскорешниот премиер Албин Курти се вели дека е „погрешно да се верува оти војната во Косово е последица на вековната омраза меѓу Косово и Србија“.
– Со ваквиот рехабилитирачки пристап кон воените злосторници не се постигнува мир меѓу Косово и Србија, туку се продолжува замрзнатиот конфликт. Мирот се постигнува кога се осудуваат и разоружуваат виновниците и кога САД ја поддржуваат меѓународната правда и независноста на Косово, како што секогаш постапувале. Мирот ќе се постигне кога Србија ќе го признае независно Косово и ќе се соочи со сопственото минато. Не кога се рехабилитираат поранешните соработници на (Слободан) Милошевиќ кои извршија агресија и геноцид, се вели во реакцијата на ВВ.
Американскиот претседател Трамп вчера на предизборен собир во Северна Каролина изјави дека неговата администрација, со тоа што на 4 јули во Белата куќа придонесе за потпишувањето на косовско-српскиот договор за економска стабилизација, го запре „масовното убивање меѓу Косово и Србија“.
– Тие со години се убиваат меѓу себе. Запрете ги убивањата момчиња, им реков, дајте да се обединиме, изјави Трамп.