Стотици празни столици ги наполнија плоштадите во голем број грчки градови за да изразат симболичен нем протест организиран од Федерацијата на угостителски и сродни професии, во рамките на европската иницијатива „Empty chairs“, а со цел да се побараат ефективни решенија за да преживее угостителскиот сектор.
На плоштадот Синтагма, во центарот на Атина, беа поставени 200 празни столици, а на секоја од нив по една порака со барањата на угостителите.
„Намалување на даночните стапки на 20 отсто а 2020“; „Намалување на стапката на ДДВ на шест отсто“; „поддршка на вработеите“; „Субвенции од 100 проценти за кирија за затворените бизниси“, беа дел од пораките односно барањата на угостителите.
Претседателот на Федерацијата на угостителски и сродни професии Јоргос Каватас, за МИА вели дека станува збор за иницијатива што истовремено се одржува низ цела Грција, „од Крит до Еврос и од Крф до Родос“.
Ја симболизира ситуацијата со која што ќе треба да се соочиме во следниот период, ако владата не преземе конкретни мерки за поддршка на нашиот сектор. Главните три барања се: намалување на стапката на ДДВ на шест отсто во угостителството е и кафето, финансиска помош со обртен капитал за одново започнување со работа и поддршка на работните места. Без поддршка и помош од државата околу 30 отсто од сопствениците на угостителските објекти и кафулињата нема да можат да одговорат на обврските – вели Каватас.
Планот на грчките власти предвидуваат отворање на рестораните и кафулињата во Грција на 1 јуни, но само надворешните делови.
Каватас објаснува дека за нив не игра улога датумот на отворање, туку е важно да постои решение на нивните проблеми.
Дали ќе отвориме на 1 јуни или на 20 мај, ако не се решат проблемите, бизнисите од нашиот сектор не се одржливи – додава претседателот на Федерацијата на грчки угостители.