Регион 24. февруари 2021. / 12:30

Повторно земјотрес со јачна од 4,1 степени кај Петриња

Повторно земјотрес со јачна од 4,1 степени кај Петриња

Централна Хрватска околу 11 часот повторно беше погодена од посилен земјотрес со јачина од 4,1 степен според Рихтеровата скала со епицентар кај Петриња, а засега нема информации за можна материјална штета, каде страшниот потрес се почувствува и во Загреб.

Хрватската сеизмолошка служба објави дека во 10.58 часот забележала прилично силен земјотрес кај Глинска Полјана, недалеку од Петриња.

Земјотресот беше почувствуван на пошироко подрачје, а граѓаните известуваат дека се почувствувал и во БиХ и во Словенија.

Претходно, Европскиот медитерански сеизмолошки центар објави дека земјотресот бил со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала.

Областа на централна Хрватска постојано се тресе од низата земјотреси што ја погодија областа на крајот на декември.

Најсилен меѓу нив беше 6,2 степени по Рихтер на 29 декември, со епицентар кај Петриња, кога загинаа седум лица и беше предизвикана голема материјална штета во областа Петриња, Сисак, Глина и околните села.

Штетата беше предизвикана и во Загреб и неговата околина, главно на покриви каде беа оштетени оџаци и плочки, особено на зградите кои веќе беа оштетени во земјотресот што го погоди хрватскиот главен град во март минатата година и чијашто јачина беше 5,5 степени по Рихтер.