Регион 20. јули 2020. / 10:10

Поставена завеса врз христијанските мозаици за време на молитвите во Аја Софија

Поставена завеса врз христијанските мозаици за време на молитвите во Аја Софија

Христијанските мозаици на ѕидовите на Аја Софија во Истанбул, која минатата недела беше пренаменета од музеј во џамија, за време на муслиманските молитви ќе бидат прекриени со завеси.

Како што истакна портпаролот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, некои мозаици на Богородица и Архангел Гаврил, кои се наоѓаат во насока на киблата, кон која муслиманите се свртени во текот на молитвата, ќе бидат прекриени со завеси.

Според него, останатите мозаици со христијански мотиви и личности не претставуваат пречка за муслиманските верници, бидејќи се наоѓаат на други места. Сепак, Калин не изјави дали тие ќе останат постојано видливи.

Освен за муслиманските верници, Аја Софија ќе биде отворена за сите посетители и туристи, а сите мозаици ќе останат непрекриени кога ќе нема молитва.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган вчера ја посети Аја Софија, со цел да провери до каде се активностите околу пренамената на овој објект во џамија.