Повеќе од половина од Грците, односно 54,6 отсто, сметаат дека во следните 12 месеци е „многу“ или „доста“ веројатно дека ќе се случи инцидент меѓу Грција и Турција, покажуваат бројките на истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB” за грчката телевизија „Стар“.
42,6 отсто од анкетираните, сметаат дека за решавање на разликите меѓу Грција и Турција најсоодветно решение е тужба до Меѓународниот суд во Хаг, а речиси секј трет од 10 испитаници (28,8 проценти), одговориле дека проблемите треба да се решат преку директен дијалог меѓу двете земји.
Одлуката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, да ја предложи Екатерини Сакеларопулу за претседателка на земјата, 55,5 отсто од анкетираните ја оценуваат како „многу добра“ или „доста добра“, а ставот на граѓаните е позитивен и за формирањето на Министерство за миграција и азил.
Во однос на распоредот на силите меѓу политичките партии, според резултатите од анкетата, владејачката Нова демократија е прва со 33 отсто, 13 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која добива 20 отсто.
44,2 проценти од испитаниците рекле дека Кирјакос Мицотакис е соодветен за премиер, 24,5 отсто го избрале лидерот на опозицијата Алексис Ципрас, а 25,1 проценет на прашањето „кој од двајцата е посоодветен за премиер“ одговориле „никој од двајцата“.