Во текот на ноќта продолжија спасувачките операции во Албанија, каде што во вчерашниот силен земјотрес загинаа најмалку 25 лица.
Во најсилниот земјотрес што ја погодил таа земја во последните декади, урнати се голем број згради, а по него следуваа најмалку 250 повторни потреси.
Илјадници луѓе ноќта ја минаа на фудбалскиот стадион во Драч, каде што војската постави шатори.
– Подрачјата на Драч и Тумана се најтешко погодени. Спасувачките акции продолжуваат во урнатите згради – изјави албанскиот министер за одбрана Олта Џака.
Тој истакна дека Италија, Франција, Романија, Турција, Грција, Хрватска, Црна Гора, Косово и Србија испратиле 200 специјализирани војници, алат и тимови со кучиња-трагачи за да помогнат во давањето помош.
Владата на Албанија денешниот ден го прогласи за Ден на жалост, при што знамињата на сите институции во Албанија се спуштени на половина копје, а училиштата затворени. На половина копје беше и знамето на Албанија пред штабот на НАТО.
– Знамињата на нашите сојузници Албанија и Франција се на половина копје пред седиштата на НАТО, по земјотресот во Албанија и во чест на загинатите француски војници на Мали – соопштија од Алијансата.
Претседателот на Косово Хашим Тачи исто така го прогласи денешниот ден за Ден на жалост во земјата во чест на жртвите од земјотресите во Албанија, кои беа почувствувани речиси на целиот Балкан