Регион 29. ноември 2019. / 15:04

„Петоци за иднината“ во Атина: протест на учениците на плоштадот Синтагма

„Петоци за иднината“ во Атина: протест на учениците на плоштадот Синтагма

Група ученици во рамките на иницијативата „Петоци за иднината“ (Fridays for future), одржаа мирен протест на плоштадот Синтагма пред грчкиот Парламент, испраќајќи порака против климатските промени.

„Можеш да живееш без кислород?”; „Рециклирај”; „Каде е зимата?”; „Нема време за губење. Запрете ги сега!”; „Ти ќе умреш од старост, јас поради климатските промени”; „Ако планетата беше банка, до сега ќе ја имавме спасено”, беа дел од слоганите на плакатите на учениците.

– Порано, на крајот на ноември, почеток на декември носев зимска јакна, сега е над 20 степени. Каде е зимата? – вели еден од учениците во разговор со дописничката на МИА од Атина.

Една ученичка пак додава дека протестите против климатските промени треба да се интензивираат и да станат сѐ помасовни.

– Ова е едно прашање што се однесува на сите нас, но не треба само да протестираме, туку да ги промениме нашите секојдневни навики – вели ученичката.

Со оглед на тоа дека денеска и Грција ја зафати „Црн петок“ (Black Friday) „треската”, дел од учениците коментираа дека потребно е граѓаните да се интересираат не само за Black Friday, туку и за Fridays for future.