Регион 10. декември 2019. / 17:09

Павлопулос: Грција е подготвена да ги поддржи државите од регионот за да се забрза нивната европска перспектива

Павлопулос: Грција е подготвена да ги поддржи државите од регионот за да се забрза нивната европска перспектива

Грција е подготвена да ги поддржи оние држави од нашиот регион што се уште не се членки на Европската Унија со цел да се забрза нивната европска перспектива, рече грчкиот претседател Прокопис Павлопулос на почетокот на средбата со неговиот српски колега Александар Вучиќ, говорејќи за ЕУ иднината на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.

Павлопулос истакна дека за оваа поддршка земјите кандидати потребно е да ги исполнат и очигледните предуслови, односно целосно усогласување со европското законодавство и решавање на билатералните прашања.

Во однос на нашиот регион, Грција јасно е за формирање на цврст југоисточен столб на Европската Унија, кој го остава зад себе Балканот на војни, на поделби и на конфронтации, а државите работат заедно за европска интеграција. Ова значи дека Грција е подготвена да ги поддржи оние држави од нашиот регион што се уште не се членки на Европската Унија со цел да се забрза нивната европска перспектива, под двата предуслови што се подразбираат – истакна грчкиот претседател.

Паралелно Павлопулос говорејќи за Меморандумот меѓу Турција и Либија рече дека не е само нелегален, туку и институционално непостоечки.

Во однос на грчко – српските односи, изрази целосна поддршка за ЕУ перспективата на Белград.

Претседателот на Србија од негова страна, рече дека двете земји имаат одлични билатерални односи.