Некомпетентните и корупциони практики на актуелната коалиција ја доведоа Бугарија до самото дно на сите општествени и статистички оценки. Населението, кое се намалува, со најкраток животен век во Европа и највисока смртност во светот, се наоѓа во услови на сеприсутна корупција и феудално-олигархиска зависност.
Ова го пишуваат во отворено писмо 169 научници и специјалисти од Бугарската академија на науките во кое бараат оставка од владата.
Автократско-измамничкиот стил на распределба на човечките и материјалните ресурси во државата доби статус на социјална, економска, финансиска политика… Врвот на власта се исполни со некомпетентни, нечесни и зависни од пари партизани, подвлекуваат авторите на писмото.
Тие своето внимание го насочуваат и кон проблемите во судската власт, која и е потчинета на извршната, додека обвинителството „бесрамно и брзо ги исполнува политичките порачки и ги штити престапничките практики“.
Според авторите на писмото, државниот буџет со години „смислено се подготвува голем за да се краде законски“, а во меѓувреме европските фондови се „делат според партиски и коруптивни шеми“, а здравствените трошоци растат без видливи резултати за медицинскиот персонал и пациентите.
Кога власта ги прегазила моралните и сите општествени вредности и преку институциите на системот арогантно манифестира самоволие, граѓанската непослушност е единствената законска форма на општествено однесување, се вели на крајот на писмото научниците на БАН.