Регион 05. мај 2020. / 14:42

Осумдесет отсто од Грците се загрижени за нивната економска состојба по корона кризата

Осумдесет отсто од Грците се загрижени за нивната економска состојба по корона кризата

Нешто повеќе од 80 отсто од Грците (80,3 отсто) изразуваат загриженост за економската состојба по завршувањето на кризата со корона вирусот, додека, пак, речиси една третина (31,2 проценти) од анкетираните се плашат дека ќе останат без работа.

Вакви се резултатите од истражувањето на грчкиот Институт за комуникација и писменост во здравството и медиумите, во кое учествувале 1.322 лица.

Речиси две третини од испитаниците, односно 63,5 отсто, сметаат дека поради мерките што се преземаат за Ковид-19, ќе им бидат ограничени индивидуалните слободи, а 65 проценти се согласуваат со тврдењето дека грчката Влада ја контролира ситуацијата со корона вирусот.

Резултатите покажуваат дека постои поделеност во јавното мислење за тоа дали Ковид-19 е создаден од луѓето. 35,3 отсто се согласуваат со ова тврдење, 33,3 проценти не се согласуваат, а останатите 31,3 отсто од анкетираните ниту се согласуваат, ниту не се согласуваат.

Во однос на периодот додека Грците беа во карантин, главните чувства што преовладувале кај анкетираните се смиреност, загриженост и опуштеност.