Регион 30. декември 2020. / 08:59

Не запира тресењето на тлото во Хрватска, утринава регистрирани уште два силни земјотреси

Не запира тресењето на тлото во Хрватска, утринава регистрирани уште два силни земјотреси

Централна Хрватска, рано утрово беше погодена од два нови силни земјотреси со епицентар во областа Петриња, со интензитет од 4, 7 и 4, 8 степени според Рихтеровата скала.

– Земјотресот во 6:15 часот беше со интензитет од 4,7 степени, а малку подоцна и нов од 4,8 степени со епицентар во областа Петриња. Тлото ќе се тресе долго време, земјотресот во вторникот беше разурнувачки и со голема сигурност ќе го следат голем број серии на земјотреси, меѓу кои, сигурно, ќе има и посилни, изјави Инес Иванчиќ, раководител на сеизмолошката служба за Хрватското радио.

Иванчиќ потврди дека послаби земјотреси ќе имаат влијание врз објектите во Петриња и Сисак, кои беа оштетени вчера. Таа изјави дека Петриња е погодена од „огромна количина“ мали земјотреси од понеделникот.

– Земјотреси се регистрираат речиси секоја минута, рече Иванчиќ, наведувајќи дека имало најмалку 25 до 30 земјотреси посилни од 3 степени по Рихтер.

По вчерашниот земјотрес со интензитет од 6,2 степени по Рихтер во Петриња се почувствуваа неколку послаби. Седум лица загинаа, а материјалната штета е огромна – во Петриња речиси и да нема зграда што да не е оштетена.

Поради големите и разорни штети на електричната мрежа, околу 2.000 граѓани од областа Сисак и околу 7.000 граѓани од областа Петриња се уште се без електрична енергија по земјотресот, а снабдувањето ќе се нормализира во текот на денешниот ден.

Во Петриња, луѓето во град без електрична енергија се обидуваа да се загреат на улица со отворен оган.