Триесет и осумгодишен Мароканец е уапсен под сомнение дека силувал две студентки во Љубљана.
Како што пренесуваат локалните медиуми, тој на крајот на септември излегол од затвор по отслужување на двегодишна казна поради кражба.
Весникот „Дневник“ објави дека тој бил изведен пред судија на крајот на октомври и бил задржан во притвор. Љубљанската полиција соопшти дека првото кривично дело го направил во студентски дом, а другото 10 дена подоцна во центарот на градот.
Првата студентка ја силувал во нејзината соба, откако двајцата се опијаниле, а таа го замолила да си оди дека сака да спие, додека другата ја силувал во алтернативниот културен центар „Метелкова“ во центарот на Љубљана, заканувајќи ѝ се со нож.
Тој бил уапсен на крајот на октомври, а го препознале и двете жртви, на возраст од 22 и 23 години.
Мароканецот веќе имал криминално досие. Тој во јуни 2016 година извршил кражба, а пред тоа бил осуден на три месеци затвор, исто така, за кражба.
Според неофицијални информации на весникот, тој пред неколку години барал меѓународна заштита во Словенија, но бил одбиен, а откако ќе ја отслужи казната за силување тој најверојатно ќе биде депортиран.