Креирањето на косовска армија, за некое чудо, изненади голем број на држави. „Не е време“ е најчестата изјава на челниците, кои попрво чекаа да се изјасни Столтенберг, за да можат да ги синхронизираат своите ставови. Неодамнешната одлука на Собранието да ги трансформира безбедносните сили во армија, сепак, ја подигна дебатата за косовската државност на повисоко ниво.
пишува: Симона ЈОСИФОВСКА
Србија која е најзасегната од оваа одлука рече дека новата армија на Косово е „нелегална, окупациска вооружена формација“ и ги предупреди Србите во тој регион дека ќе се соочат со правни акции, доколку се одлучат да и се приклучат. Некои отидоа и до таму што предвидуваат дали ќе се преземат спречувачки или превентивни воени акции.
Сепак косовската армија не е „падната од небо“.
Уште пред Косово да прогласи независност на 17 февруари 2008 година, одредени дипломатски кругови дискутираа за иднината на одбранбените сили на новоформираната држава, по заминувањето на КФОР.
По донесувањето на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, во 1999 година, т.н. Косовски сили (Kosovo Force) пристигнаа кај нашиот сосед со цел да го зачувуваат редот и мирот, како и да обезбедат цивилна заштита. Но, што понатаму?
Болката на Србија ќе беше уште поголема, со можност за преземање на офанзивни чекори доколку во 2008 година, се формираше косовска армија. Како побезболно решение тогаш беше формирањето на т.н. косовски безбедносни сили.
Уште во 2006 година, тогашниот премиер Агим Чеку ветувал драматичен прогрес во имплементација на стандардите и го предупредил тогашниот дипломат на ОН, Марти Ахтисари дека Приштина нема да прифати ништо помалку од косовска армија. Неговото гледиште за безбедносните сили беше дека во јавноста ќе бидат перцепирани како „малку повеќе од полиција“.
Повеќе од јасно беше дека некакво решение е потребно за да се избегнат последиците кои би настанале со демобилизацијата на меѓународните безбедносни турпи. Генерал мајорот на безбедносните трупи на УНМИК, Крис Стеирн, во 2006 година извести дека новите сили, кои се целосно обучени по НАТО стандарди ќе стапат на сила, кога ќе замине КФОР. Од денешен аспект тоа значи дека наскоро оваа меѓународна силна единица ќе се маргинализира до целосно повлекување.
Кога, чудесно, земјите на Балканот одлучија да ги решаваат меѓусебните конфлиткти, северните соседи не сакаа да останат „покуси“. Од други изјави и документи, а и од мала подлабока анализа, може да се увиди дека кога-тогаш Косово, секако, ќе добиеше и официјално армија. Проблемот кај нив беше како тоа да изведе, без политичарите да претрпат голем пад на рејтингот и да си го зачувуваат епитетот на „спасители, чувари, највозвишени“ во своите етнички кругови. И тоа е сосема разбирливо имајќи предвид со што се соочуваат постконфликтните држави.
Но на крајот секако мора да има и шоу.
Еден друг настан влезе во фокусот на медиумите. Јавноста во регионот е засегната од даноците од 100 проценти на производите од Србија и БиХ кои ги воведе владата на Рамуш Харадинај. И треба да е. Тоа е реално, економијата трпи реални штети. Тоа се чувствува. Компаниите тоа го чувствуаат. Народот тоа го чувствува. И така и беше донесена одлуката. Не им оделе преговорите на Приштина со Белград, па морало да се воспoстави ултиматум – или призавање или економски последици. Баш во исто време кога се формира војска на Косово. Сосема случајно.