Регион 16. ноември 2020. / 11:27

Ќе се патува само со лична карта: Сите детали од новиот план за Западен Балкан

Ќе се патува само со лична карта: Сите детали од новиот план за Западен Балкан

Судејќи по Акциониот план за воспоставување на регионален пазар, уште од следната година на границите на Македонија, Србија, БиХ, Албанија, Црна Гора и Косово, ќе бидат воспоставени тн. „зелени коридори“ кои ќе овозможуваат полесно поминување на производите преку граница, како и полесно царинење на истите во било кое време од денот, секој ден во неделата.

Исто така, шесте земји од Западен Балкан треба да договорат и гранични премини на кои значително ќе бидат намалени процедурите, односно во периодот од 2021 до 2022 да воспостават систем кој на сите граѓани на земјите од регионот ќе им овозможи слободно да патуваат само со лична карта.

Од 2022 година треба да се воспостави систем кој на почетокот ќе овозможи признавање на дипломите за медицинските сестри, доктори, стоматолози, фармацевти, архитекти и ветеринари, а подоцна тоа да се прошири и на останатите дипломи.

Помеѓу 2022 и 2024-та година, треба да биде воспоставена регулаторна рамка за заеднички платен систем, а во 2023-та треба да се воспостави соработка на тела кои би се бавеле со јавни набавки, односно да се осмисли систем кој ќе овозможи разни сертификати да бидат признаени во сите земји и на сите гранични премини.

Според акциониот план, веќе во 2024-та регионот треба да претставува еден обединет пазар, а во истата година земјите треба да стигнат до тоа 95 отсто од домаќинствата во земјата да имаат широкопојасен пристап до интернет. До крајот на 2023-та пак, е планирано покривање на главните индустриски градови во сите земји од регионот со 5G мрежа.

Укинување на работните дозволи за внатрешни трансфери во компаниите, преносливост на социјалните права, студентска, истражувачка и професорска мобилност, како и заеднички пакети за туристички понуди и нивно рекламирање се само дел од работите наведени во Акциониот план за Западен Балкан.

– За да се интегрира Западен Балкан во пан-европскиот дигитален простор, регионот мора да ги отстрани пречките во онлајн трговијата и да воведе меѓусебно признавање на електронските потписи низ сите земји, односно да ја надогради и подобри дигиталната инфраструктура, се наведува, меѓу другото во Акциониот план усвоен неодамна во Софија.

Европската инвестициска банка (ЕИБ) соопшти дека во рамки на својот финансиски пакет вреден 1,7 милијарди евра, за поддршка на развојот на Западен Балкан и опоравување од пандемијата, веќе има мобилизирано преку милијарда евра.

ЕИБ ја поздрави подготвеноста на лидерите на земјите за пристапот кон реализација на економско-инвестицискиот план на Европската Комисија, а во рамики на овој план приоритет ќе бидат инвестиции во инфрастуркурата, како и проекти кои овозможуваат зелена и дигитална транзиција на регионот кон инклузивни и одржливи модели на економиите.

Вернер Хојер, претседателот на ЕИБ, изјави дек главна цел на Берлинските процеси е да овозможи што повеќе инвестиции кон Западен Балкан, а ЕИБ е спремна да придонесе кон поддршка на тој план.

– Иницијативата за создавање на заеднички регионален пазар која е најавена, е добар пример за тоа како регионот може да ги убрза реформите и да го подобри економскиот амбиент, изјави Хојер.