Регион

Инцидент: Приватниот авион на Пацоли ќе го одведеше косовскиот државниот врв во затвор

Инцидент: Приватниот авион на Пацоли ќе го одведеше косовскиот државниот врв во затвор

Косовската делегација која вчера отпатува за Брисел со приватниот авион на министерот за надворешени работи Беџет Пацоли, а во чиј состав беа и претседателот на Собранието, Кадри Весели, премиерот Рамуш Харадинај и вицепремиерот Фатмир Лимај, за малку ќе завршеше во Република Српска, каде што за последниве тројца поранешни челници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) е распишано потерница, јави дописникот на МИА од Приштина.

Директорот на телевизијата Клан Косова, Батон Хаџиу, кој бил заедно со нив во авионот, изјави за медиумите дека инцидентот се случил поради невнимание на контролната кула на аеродромот во Тирана, кој ги упатил на воздушна линија која ќе го однела леталото на територија на Република Српска, чиј воздушен простор го контролира Србија.

– Целата ситуација можеше да доведе до дипломатски инцидент, бидејќи српските надлежни органи можеа да го приземјат авионот и да ги уапсат косовските челници како поранешни водачи на ОВК, рече Хаџиу.

Грешката на време ја забележал самиот Пацоли, кој му наредил на пилотот да се врати во Тирана, од каде што подоцна синоќа преку воздушната линија на италијански Бриндизи заминале за Брисел.

Косовскиот државен врв, предводен од претседателот Хашим Тачи, се наоѓа во Брисел на нов круг преговори со Србија.

МИА