Амбасадорот на САД во Приштина Филип Коснет денес се сретна со лидерот на опозициската Алијанса за иднина на Косово, Рамуш Харадинај.
Поранешниот косовски премиер му кажа дека Америка не би требало да ги изедначува Косово и Србија.
Додека Косово стоички ги поддржува САД во глобалните предизвици, Србија и понатаму е руски сателит и главно руско оружје во Европа, напиша Харадинај на Твитер што му кажал на Коснет.
Тој наведе дека на американскиот амбасадор му повторил дека „конечниот договор со Белград треба да резултира со меѓусебно признавање“.
Харадинај, кој како поранешен косовски премиер ги воведе царините против Србија, не спомна дали со Коснет разговарал на таа тема.
Амбасадата на САД во Приштина претходно соопшти дека амбасадорот постојано разговара со претставниците на новата приштинска влада и лидерите на партиите, на кои им укажува на економската корист од итното укинување на царините.