Над 80 отсто од Грците сметаат дека новата грчка Влада ќе ги исполни сите, некои или повеќето од основните предизборни ветувања, а речиси седум од 10 анкетирани мислат дека Кирјакос Мицотакис е подобар премиер од тоа што го очекувале.
Ова се податоците од последното истражување на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за весникот „Прото тема“.
Според резултатите од анкетата, зголемена е и разликата меѓу Нова демократија и СИРИЗА. Владејачката партија има водство од 18,1 процент пред опозициската партија. Нова демократија е прва со 42,9 отсто, СИРИЗА втора со 24,8 проценти, а потоа следат Движење на промена (шест проценти), Комунистичката партија (5,4 отсто) и Грчко решение и МЕРА25.
Во однос на работата на Владата, 81,4 отсто од граѓаните сметаат дека ќе ги исполни предизборните ветувања. Вкупно 11,2 проценти рекле дека ќе ги исполни сите ветувања, 34,6 отсто повеќето ветувања, а 35,6 проценти некои од нив. Само 16,4 отсто сметаат дека нема да ги исполни ветувањата дадени пред изборите на 7 јули годинава.
На прашањето „Кое е сега вашето мислење за Кирјакос Мицотакис, во споредба со претходно“, 68,2 отсто од испитаниците дале позитивен одговор, односно 48,2 одговориле „подобро“, 20 проценти „исто добро“, а негативно одговориле 28,2 проценти.
Четворица од 10 анкетирани рекле дека зборот што најдобро го изразува нивниот став кон Владата на Мицотакис е „поддршка“, 32,5 отсто одговориле „толеранција“, 15 проценти „разочараност“, а 11,4 проценти „лутина“.
Весникот „Прото тема“, во анализата на резултатите од анкетата, коментира дека грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и неговата Влада „и понатаму се политички доминантни, со силен кредибилитет и силна поддршка од поширокиот дело од јавноста“.