Регион 05. март 2020. / 12:22

Грција блокира 35.000 мигранти, планира да ги депортира пристигнатите по први март

Грција блокира 35.000 мигранти, планира да ги депортира пристигнатите по први март

Грција спречува околу 35.000 мигранти кои се обидуваат илегално да преминат на нејзината територија, откако Турција ја отвори својата граница пред скоро една недела, соопштија владини извори во четвртокот, додека се подготвуваат да депортираат стотици други што успеале во обидот да преминат на грчка територија.

Стотици од мигрантите успеале да пристигнат во Грција, повеќето преку море до Лезбос и останати грчки острови. Анкара и Атина меѓусебно се обвинуваат за употреба на сила на граничните линии, каде мигрантите се судираат со безбедносните служби изминативе денови, пренесува Ројтерс.

Ситуацијата на граничниот премин Кастијанс, каде грчката и турската полиција изминативе денови употреби солзавец против мигрантите, денеска е мирна. Мигрантите се преселени во шатори и импровизирани кампови на турската страна на границата.

Грчките граничари возвратиле на речиси 7.000 обиди за влез само во последните 24 часа, а над 34 илјади од   29 февруари, при што уапсени се 244 лица, соопштија грчки владини извори.

Мигрантите кои пристигнале во Грција нелегално по 1 март ќе бидат пренесени во северниот град Серез и депортирани назад во сопствените земји, изјави грчкиот министер за миграција, Нотис Митарачи доцна во средата.

-Нашата цел е да ги вратиме во нивните земји, рече тој за Атинската новинска агенција.

Грција соопшти дека од 1 март повеќе нема да прифаќа нови баратели на азил во времетраење од еден месец што наиде на критика од агенциите кои се занимаваат со човековите права.

Турција ги обвини грчките сили дека застрелале еден мигранти и раниле петмина други. Грција негираше, обвинувајќи ја турската полиција за користање солзавец со цел да им помогне на мигрантите илегално да преминат на нејзината територија.

 – Анкара подготвува случај во Европскиот суд за човекови права во врска со третманот на Грција со мигрантите, изјави турскиот министер за внатрешни работи, Сулејман Сојлу, кој ја посети границата со Грција во четвртокот.

Промената на политиката на Турција кон мигрантите на нејзино територија дојде откако најмалку 33 турски војници беа убиени од сириските владини сили, поддржани од руските сили, во воздушен напад во Сирија.

Лезбос веќе е домаќин на повеќе од 20,000 баратели на азил, многу од нив живеат во субстандардни услови во преполни кампови.

Турција, која веќе е домаќин на 3,6 милиони сириски бегалци и се соочува со друг прилив од бунтовнички борби во северозападна Сирија, вели дека не може повеќе да издржи и се пожали дека помошта од ЕУ е помалку од она што е потребно за бегалците.