Ситуацијата со пандемијата и понатаму е неизвесна, посебно во поглед на тоа како и на кој начин државите ќе се отворат за масовен туризам.
Грција ќе ги отвори своите граници на начин за кој сè уште се дискутира. Како и изминатото лето, ние ќе го отвориме туризмот, но со апсолутна грижа за нашите гости, вели министерот за туризам на оваа земја, Харис Теохарис.
Тој посочи дека учествувал на состаноците на Светскиот комитет за криза во туризмот и Извршниот совет на Светската туристичка организација (ИАТА) во Мадрид, и таму имал можност да го објасни предлогот на грчката Влада за можноста за преминување на границата со потврда за вакцинација.
– Беше многу охрабрувачки што ИАТА зазеде формална позиција во корист на овој предлог. Она што го предлагаме е граничните процедури да станат поедноставни за оние кои биле вакцинирани во споредба со другите кои ќе бидат тестирани, рече тој, додавајќи дека вакцинацијата ќе ги поедностави процедурите.
Неговата визија вели тој е здравствената безбедност да биде нивни сојузник, а не пречка за движење. Но, очекува дека секој ќе може да патува, или со спроведување на тестирање, или со примена на карантин.
Теохарис вели дека сè уште се разгледува прашањето дали ќе има разлика во потеклото на вакцините, на пример дали некој примил руска, кинеска или некоја друга вакцина.
– Прерано е да се каже. Како што знаете, Рускиот фонд за директни инвестиции поднесе барање за регистрација на вакцината „Спутник V“ против Ковид-19 до Европската агенција за лекови. Ја чекаме неговата проценка во февруари, а потоа одлуките ќе ги донесат нашата влада и Европската унија. Истата постапка за донесување одлуки ќе се однесува на кинеската вакцина и на која било друга вакцина, заклучува грчкиот министер за туризам.
Прашање од примарно значење во наредниот период за компаниите во туристичкиот сектор, како што вели Теохарис, ќе биде како да се реши проблемот со платените аранжмани од минатата година, кои не се реализирани.
– Ова е прашање од примарна важност за компаниите во туристичкиот сектор, кои веќе се соочуваат со проблеми со ликвидност, и за купувачите-туристи, кои во никој случај не треба да губат пари. Платените услуги ќе можат да се обезбедат оваа година, бидејќи очекуваме да има помалку ограничувања. Ако не, туристите имаат законско право на поврат на парите, рече тој.