Регион 27. ноември 2019. / 14:01

Грчки спасувачи извлекле двајца преживеани од под урнатините по земјотресот во Албанија

Грчки спасувачи извлекле двајца преживеани од под урнатините по земјотресот во Албанија

Двете специјални единици за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба, кои се наоѓаат на две различни локации во Албанија, во текот на вчерашниот ден од урнатините спасиле 45-годишна жена и 24-годишен маж.

Како што соопштија од противпожарната служба на Грција, едната единица е во градот Тумана, околу 15 километри северозападно од Тирана, каде што од урнатините, била извлечена жива 45-годишната, но и една мртва жена.

Другата спасувачка единица е во Драч, кадешто жив бил извлечен 24-годишниот маж.

Од Противпожарната служба на Грција соопштуваат дека акцијата за спасување продолжува.

Грција вчера со авион C-130 на военото воздухопловство од Атина во Албанија испрати 27 лица од Специјалната единица за справување со катастрофи на грчката противпожарна служба, кои со две кучиња спасувачи и специјална опрема им помагаат на албанските власти, додека пак од градот Јанина заминаа 15 лица со специјални противпожарни возила.